Грчкиот Парламент усвои Кодекс на облекување со кој пратениците повеќе нема да можат да одат непристојно облечени, со скинати фармерки, блузи со куси ракави и тетоважи на видливи места, објави електронското издание на весниокот „Етнос“.
Според претседателот на Комисијата за етика Христос Маркојанакис пред пет години Кодексот за облекување во Парламентот бил многу подобар. – Не може во пленарната сала да влезат пратеници со развлечени блузи. Тоа е прашање на почит во Парламентот, изјавил Маркојанакис.
На вчера одржаната седница претседателот на Комисијата упатил строги препораки кон секретарите на парламентарните групи во врска со облекувањето на народните пратеници и нивното однесување во пленарната сала. На прашањето дали пратеник може да биде избркан од салата ако непристојно се однесува, Маркојанакис одговорил дека тоа е крајна мерка и може да се примени ако „пратеникот ја преминал секоја граница“.