Швајцарската финансиска компанија Кредит Суис најави дека ќе премести 250 банкари од Лондон во Франкфурт или во Мадрид, како прв дел од планираното намалување на персоналот во Лондон во пресрет на британското напуштање на Европската унија.
Кредит Суис првично најави дека ќе премести дел од своите операции од Лондон во Париз, но по средби со француските финансиски регулатори се откажа од француската престолнина во полза на Франкфурт, каде е седиштето на Европската централна банка, или Мадрид.
Кредит Суис го следи Дојче Банк, која беше првата поголема финансиска корпорација која најави намалување на своето присуство од лондонскиот Сити во некоја од државите кои ќе останат членки на ЕУ.