Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека неспособноста на власта се гледа на дело, откако 10 сантиметри снег ја блокираа целата држава.
– Снегот во февруари ги изненади „Македонија пат“. Патиштата се нерасчистени, тешко проодни, а на места и блокирани. Власта е целосно неспособна, ниту еден клучен патен правец не е исчистен. Нормалниот проток на возила е оневозможен. Граѓаните по неколку часа патуваат за локации за кои обично е потребно неполн час. Автопатиштата кон Скопје од Куманово, Гевгелија, Тетово и обратно се неисчистени и во застој, рече Манојлоски и додаде дека ова е срамно и скандалозно.
Тој рече дека целата држава е блокирана, а Заев и Сугарески ги нема нигде.
– Неисчистениот снег ги блокирал и планинските премини Пресека, Стража и Ѓавато, каде има и забрана за тешки товарни возила. Покрај сите патишта низ државата, блокирани и неисчистени се сите градови. Неисчистен е и главниот град Скопје, каде што се вози по влажни и тешко проодни коловози.Недозволиво е после 24 часа снег патиштата и градовите да се блокирани и непроодни. Недозволиво е властите да не преземаат ништо и да ги остават граѓаните да се справуваат како знаат и умеат, рече Манојлоски.
Тој истакна дека властите мора да овозможат непречен проток на возила на патните правци низ државата, особено на меѓународните патни правци.
– Наместо склучување на штетни договори, изготвување неуставни закони и расипничко трошење на парите на граѓаните, СДСМ треба да се зафати со работа во корист на граѓаните, рече Манојлоски.