Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на работната посета на Велика Британија, денеска учествува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Покрај премиерот Заев, и владината делегација во состав, Заменик претседател на владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, Министерот за економија Крешник Бектеши и Министерот за финансии Драган Тевдовски, на Инвестицискиот самит за Западен Балкан присуствуваат и шефовите на владите на Република Србија Ана Брнабиќ, на Република Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, на Република Црна Гора Душко Марковиќ, на Република Албанија Еди Рама и на Република Косово Рамуш Харадинај.
Веднаш по церемонијата на свеченото отворање, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев учествуваше на дебатниот панел на премиерите на инвестицискиот самит на ЕБОР на кои ги презентираа нивните погледи во однос на приоритетите за регионалните проекти за поврзување и економска соработка во регионот, најважните предизвици што треба да се совладаат за успешна реализација на заедничките приоритети, како и за предностите што ги нуди регионот и секоја земја одделно за привлекување на странските инвеститори.
Премиерот Заев како еден од приоритетите ја истакна неопходноста од поголемата поврзаност меѓу земјите на Западен Балкан за што потенцијалите лежат во поголемата и поедноставена соработка на царините и на граничните контроли во регионот.
„Олеснувањето на процедурите, подобрата координација, соработка и поврзување имаат за цел не само да ја зајакнат националната и регионалната трговија, туку да создадат работни места и да ја зајакнат економијата“ нагласи премиерот Заев на панелот на шефовите на влади на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон.
Привлекувањето на странските инвестиции треба да оди паралелно со охабрувањето за политичките промени како критериуми за европските интеграции, како примарна аспирација на земјите од регионот и на Република Македонија, потенцираше премиерот Заев.
Во однос на најважните предизвици што стојат пред регионот, премиерот Заев ги издвои искоренување на корупцијата и развојот на инфраструктурата, патиштата и железниците, како и гасификацијата за кои ја поздрави едногласноста и совпаѓањето на овие приоритети на регионот со оние на ЕБОР и со другите финансиски инструменти на ЕУ.
Во делот на предностите што Република Македонија им ги нуди на странските инвеститори, премиерот Заев истакна дека напорите на владата во нашата земја се фокусирани да обезбедат и да гарантираат стабилно економско опкружување и да бидат веродостоен партнер на бизнисот, и дека за таа цел се промовирани Планот за економски раст, како и Законот за поддршка на финансиските инвестиции.
„Нашата предност се намалувањето на трошоците за инвестиции, но високо образовани луѓе за одредени економски гранки како ИТ секторот, земјоделството, туризмот, автомобилската индустрија и други области. За таа цел детално се подготвени менија на бенефиции, субвенции и критериуми за сите инвеститори транспарентно објавени и еднакви за сите потенцијални инвеститори“, истакна премиерот Заев на панелот на премиерите на инвестицискиот самит на ЕБОР.
Претседателот на Владата на РМ Заев и ги охрабри иницијативите за заеднички регионални инвестиции и ги покани бизнисмените присутни на Инвестицискиот самит за западен Балкан да бидат бидат дел од новиот позитивен дух на регионот и на македонската економија.
На отворањето на самитот свои поздравни обраќања одржаа Претседателот на Владата на Република Бугарија Бојко Борисов, во име на земјата претседавач во ЕУ, Претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти, како и државниот секретар за дигитализација, култура, медиуми и спорт во владата на Велика Британија, Мет Хенкок.
Во своето обраќање Претседателот на Владата на Република Бугарија Бојко Борисов ја поздрави оваа трета иницијатива за собир на инвеститори за Западен Балкан на ЕБОР, и истакна дека
за поддршката на исклучително важните инфрастуктурни и развојни проекти во регионот е од суштествено значење подготвеноста на ЕБОР и на другите финансиски институции и програми на ЕУ да учествуваат во реализацијата на заедничките иницијативи на земјите членки на регионот.
Во својот говор на отворањето претседателот на ЕБОР Чакрабарти, ја повтори посветеноста на ЕБОР кон регионот и истакна дека таа и понатаму ќе продолжи со уште понагласен интензитет. Чакрабарти нагласи дека Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон е уште една можност сите заедно, банката и првите луѓе на владите на земјите на Западен Балкан да ги покажат силните страни во регионот, и да ги поканат инвеститорите во светот да се придружат во исполнувањето потенцијалите на регионот и на секоја земја одделно.
За време на самитот ЕБОР, ќе ја претстави „Регионалната инвестициска платформа“ за Западен Балкан, во присуство на близу 200 директори и членови на управни одбори на компании заинтересирани за инвестициски вложувања во регионот.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владината делегација ќе имаат средба со Претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти, а за време на самитот ќе се сретнат со повеќе претставници на тамошната и на меѓународната бизнис заедница.
Премиерот Зоран Заев, и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се поканети и на приемот, што во чест на премиерите на Западен Балкан, го организира премиерката на Велика Британија Тереза Меј, а за време на работната посета на Лондон ќе имаат и повеќе други средби со министри во владата на Велика Британија.