Откако денеска беше поднесена кривична пријава против директорот на МРТ, Марјан Цветковски за злоупотреба на службената положба, тој преку писмено соопштение се огласи во јавноста, велејќи дека секогаш работел законски и е изненаден од кривичната пријава против него.
„Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно Законот.
Иако постојат многу сугестии, коинциденции и поврзувања, не би сакал да верувам дека оваа поднесена кривична пријава е резултат на фактот дека повторно добив доверба да ја раководам МРТ.
Напоменувам дека МРТ е сериозен и гломазен систем каде во секоја постапка учествуваат голем број на служби и секој во рамките на своите надлезжности постапува. Сакам да напоменам дека за споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост“, рече Марјан Цветковски.
„Во овие специфични услови и амбиент, верувам дека ќе ја докажам правдата и нема да дозволам оваа постапка да ме девалвира и да ме дефокусира од реализацијата на мојот план за подигнување на МРТВ на едно повисоко квалитативно ниво во секој поглед, како и да ја развивам постојано улогата на МРТВ како промотор на државните, европските и евроатлантски вредности“, додаде Цветковски.