Независна Шкотска ќе бара прием во Европската Унија, но нема веднаш да бара приклучување и кон зоната на единствената валута и еврото, изјави во Единбург шкотскиот прв министер Алекс Салмонд.
Според неговото објаснување, доколку на референдумот, мнозинството Шкотланѓани се определат за независност, Владата во Единбург веднаш ќе побара започнување преговори со Брисел за останување на Шкотска во ЕУ. Ова е првпат Салмонд да зборува за преговори со Брисел за членство во Унијата. Досега тој тврдеше дека тоа не е потребно бидејќи земјата по автоматизам ќе влезе во ЕУ, како дел од Велика Британија, која веќе 40 години е членка.
Првиот министер на Шкотска смета дека во сегашната состојба во која се наоѓа еврозоната нема потреба од брзање со приклучувањето на новата независна држава кон заедничката валута. Но за разлика од неговоте поранешни изјави, тој сега не отфрла можност Шкотска да воведе евро, наместо фунтата.
На почетокот од кампањата за независност и за отцепување од Велика Британија, Салмонд предлагаше финанска унија на независна Шкотска и на остатокот од Велика Британија и задржување на фунтата.
Салмонд ги отфрли како апсурдни и смешни тврдењата дека независна Шкотска ќе остане надвор од ЕУ, како и дека како недоволно економски моќна, не ја сакаат во Унијата.
– Земја која како Шкотска е богата со нафта и гас, со риба и со алтернативна енергија, сите сакаат да ја видат како членка на ЕУ“ , рече Салмонд.
Референдум за отцепување на оваа сегашна британска покраина од Обединетото кралство ќе се оддржи во октомври следната година. Доколку Шкотска се отцепи, а Британците на референдум се одлучат за излегување од ЕУ, може да се случи северот од сегашната Велика Британија да биде единсвениот што ќе биде во Европската Унија.