Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) редовно ги ажурираа трите интернет страници, додека во последниот квартал годинава нема ниту една објава на официјалните профили на „Твитер“, „Фејсбук“ и „ЈуТјуб“, покажува петтиот мониторинг извештај за работата на АЕК.
На презентацијата на извештајот, Горан Лазаров од ЕВРОТИНК, посочи дека најголем проблем за транспарентноста е што дел од документите се ставаат во скенирана форма, што пак го отежнува пребарувањето и ги прави речиси невидливи.
– Агенцијата нуди три начини за комуникација со граѓаните. Да се постави прашање преку интернет страницата, што е искористена 397 пати во текот на 2017 година. Втората можност е да се поднесе приговор за работата на операторите. Од 930 приговори во 2017 година, директно во агенцијата стигаат 94 процени, а само шест проценти по електронски пат. Третата можност е преку бесплатниот телефонски број, што има преку 5.000 јавувања, изјави Лазаров.
Посочи дека најголем дел од приговорите, или 47 проценти, се поврзани со мобилни и интернет услуги, додека околу 63 отсто од приговорите се од жители на Скопје.
Според Даниела Мамучевска од Економски факултет во Скопје, јасно е дека со задоцнување се отвори повикот за вториот и третиот оператор и за тоа како се одвиваше намалувањето на трошокот за користење на услугите во внатрешниот роаминг.
– Колку реално и ефективно АЕК се грижи за поттикнување на пазарната конкуренција. Оставаме простор за сомнеж. Нашиот број на оператори од три се сведе на два, додека стапката на пенетрација на пазарот е 105 проценти. Словенија има четири оператори со стапка на пенетрација од 117 проценти. Имаме затајување на тоа колку АЕК се бори за јакнење на конкуренцијата и колку ние како корисници успеваме да бидеме заштитени во користењето на услугите, изјави Мамучевска.
Во однос на конкуренцијата Игор Бојаџиев од АЕК, рече дека во Македонија има три оператори, од кои два мрежни и еден виртуелен, како и дека спојувањето на Вип и Оне е извршено од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
– Остана после тоа АЕК да преземе нешто околу развој на конкуренцијата. АЕК 2016 година презема мерки и ги извести 100-те најголеми компании во областа на електронските комуникации на светско ниво дека постои можност да работат на овој пазар и се појави заинтересираност. Меѓутоа ние имавме маратонски изборни процеси, каде што беше укажано од Антикорупциска да влегуваат такви инвестиции имаше застој, изјави Бојаџиев.
Посочи дека за влез на нови оператори клучно место зазема и Владата, која како што рече, и самата работи на тоа прашање и останува да се види што ќе се случува.
Извештајот се однесува на последниот квартал годинава од октомври до декември 2017 година, и е изработен од Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.