Вчера, 21 Февруари, македонската стартап заедница имаше ретка можност да биде дел од локалното издание на реномираната Меѓународна конференција за стартапи, претприемништво и иновации – PODIM2018, која традиционално, секоја година, се одржува во Марибор, Словенија.
Локален домаќин и коорганизатор на настанот во Скопје е Сеавус Едукативен и Развоен Центар, кој заедно со организаторот од Словенија, Start:up Balkan, подготвија 4 часовен настан на кој присуствуваа 80 учесници, претприемачи, иноватори, инвеститори, партнери, компании и поддржувачи на стартап движењето во Македонија.
На настанот свое воведно обраќање имаа: Н.Е. Г-дин Милан Јазбек – Амбасадор на Словенија во Македонија, Весна Иваноска – Генерален менаџер на Сеавус Едукативен и Развоен Центар, Игор Маџов – претставник од инвестицискиот фонд SC Ventures, Горазд Јустинек – Извршен директор на ЦЕП (Centar for European perspectives) и Матеј Рус извршен директор на ПОДИМ.
Со свои искуства и експертиза на теми релевантни за развојот и растењето на новите бизниси се претставија и Елена Драгановска од InPlayer, Марис При од естонскиот Start up Wise Guys , Kсаба Какосу Партнер и Извршен директор на Day One Capital и Ивана Станковиќ – Инвестициски Менаџер во SC Ventures.
Највозбудливиот дел на конференцијата секако беше резервиран за кратки презентации (pitch) на 10 селектирани стартапи кои пред публиката ги претставија своите бизнис идеи.