Унапредување на состојбата на децата без родители и родителска грижа и децата и семејствата во социјален ризик е целта на Меморандумот за соработка и заедничко делување што денеска го потпишаа СОС Детско село Македонија и општина Шуто Оризари.
Од СОС Детско село Македонија информираат дека покрај згрижувањето веќе десет години ја реализираат и програмата за социјална превенција односно превенција на деца и младинци од губење на грижата на своите биолошки родители.
По потпишувањето на Меморандумот во просториите на Советодавниот Центар за родители и деца во Шуто Оризари, директорката на СОС Детско село Македонија, Александра Ивановски посочи дека главниот фокус на нивното работење е детскиот развој во грижлива семејна средина.
– Тоа го остваруваме преку развојот на детето во различни области, како што се физички, емоционални, интелектуални, општествени, културни и духовни и зајакнување на различните форми на семејства за да обезбедат грижлива семејна средина каде што детето ќе може да формира доверливи, поддржувачки и трајни односи. Како организација делуваме и на остварување на детските права и градење на капацитети на заедниците за поголема грижа за децата во ризик. рече Ивановски.
Според неа, за успешно и транспарентно реализирање на овие програми, како и за покревање на свеста на заедницата за нужноста од поддршка на децата и семејствата во социјален ризик, неопходно е вмрежување на невладини и владини организации, поединци и групи, кои несебично ќе го дадат својот придонес на полето на кое тие се успешни и поседуваат знаење и вештини.
Ивановски и градоначалникот на општината Шуто Оризари, Курто Дудуш изразија подготвеност за зајакнување на меѓусебната соработка, со цел подобрување на координацијата при поддршката на најранливата категорија на деца и семејства во оваа општина.