Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски денеска се сретна со амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс и со делегација од Амбасадата и Здружението на Унгарците во Македонија.
Од општината соопштија дека на средбата во кабинетот на градоначалникот било дискутирано за можностите за продлабочување на добрата соработка што Унгарија ја има со оваа општина.
Имено, општина Кисела Вода е единствената општина во Скопје во која една улица е именувана по големиот унгарски поет и револуционер Шандор Петефи, а таму е поставена и негова спомен плакета. На оваа локација секоја година во рамки на одбележување на Националниот ден на Унгарците, 15 Март, општина Кисела Вода заедно со Амбасадата на Унгарија и Здружението на на Унгарците во Македонија одржува пригодна свеченост.
Амбасадорот Дукс и градоначалникот Темелковски се договориле, покрај другите случувања, годинава да има и литературен конкурс за основците од повисоките одделенија од училиштата во општина Кисела Вода кои ќе творат на теми поврзани со животот и делото на Шандор Петефи и за Унгарската револуција од 1848 година. Двајцата првонаградени ученици како награда ќе може да ја посетат Унгарија, во организација на Амбасадата и Здружението на на Унгарците во Македонија.
На средбата, од двете страни била изразена и подготвеност за подобрување на економската соработка со Унгарија. Од страна на градоначалникот биле презентирани економските потенцијали на општината, а било посочено дека во фаза на формирање е Советот на стопанственици од Кисела Вода кој треба да овозможи подобро функционирање на деловните субјекти, за што би значела соработката со компании од Унгарија. Воедно, се дискутирало и за можностите за остварување на партнерство и со други локални самоуправи од Унгарија како и други форми на соработка во насока на зближувањето на унгарскиот и македонскиот народ.