Интерарт културен центар го претстави проектот Инкубатор, нова програма за култура поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Говорниците на прес-конференцијата – уметничкиот директор Рисима Рисимкин и амбасадорката на Швајцарија во РМ, Н.Е. Sybille Suter Tejada истакнаа дека креативноста и потребата за уметничко изразување се водечки критериуми за развојот на едно општество.
Реализацијата на проектот ќе се одива во два циклуси, преку отворени повици за аплицирање на млади неафирмирани уметници од 18 до 30 години во три невербални категории – современ танц, музика и визуелна уметност. Првиот отворен повик започнува денес (21.2.2018) и трае до 7-ми март. Сите пријавени кандидати треба да приложат кратка биографија, а соодветно на посебните категории треба да исполнат технички критериуми достапни на интернет страницата на Инкубатор – www.inkubator.com.mk/apliciraj/. Работилниците ќе се одвиваат по менторство на реномирани уметнички имиња на националната, но и меѓународната сцена.
„Сметам дека Инкубатор програмата за култура овозможува една нова платформа за едукација и развој на млади уметници од Македонија, кои имаат желба да создаваат во областа на современиот танц, музиката и визуелните уметности со цел да оформат мултимедијален сценски перофрманс. Целиот проект е дизајниран за да се овозможи развој од тој вид и да им се помогне на младите да го најдат својот изразен пат во уметничка насока. Живееме во комерцијално време, во кое уметноста не е во прв план, меѓутоа моја задача, а секако и на Интерарт културниот центар е потребата од посебно нагласување на важноста на уметничкиот развој и креација, кои секако ќе го најдат своето место во општеството, доколку им се даде соодветен простор. Многу ми е драго што Амбасадата на Швајцарија го препозна нашиот напор за поддршка и развој на млади уметници, посебно во овие уметнички категории, кои иако го заслужуваат – го немаат вистинското место во нашето општество и на кои, со нивната поддршка, ќе им се овозможи процес кој ќе донесе вистински резултати во уметничкиот развој на младите таленти“, изјави Рисимкин – уметнички директор на проектот.
Рисимкин и амбасадорката Tejada истакнаа дека е евидентен потенцијалот и желбата кај младите уметници за развој и себеизразување, а со Инкубатор се овозможуваат услови и простор за нивна креативна експресија и реализација на идеи.