Од денеска почнува да тече рокот за доставување на кандидатурите за избор на нов претседател на Беса, велат од крилото на партијата чиј претседател е Билал Касами. Тие денеска изјавија дека во тек се подготовките за конгресот кој треба да се одржи на 24 февруари во Скопје. Партискиот портпарол не сакаше да коментира за изборот на Африм Гаши за нов претседател на Беса, на конгресот кој вчера се одржа во Тетово, организиран од скопското крило, оценувајќи го како собир на друга партија.
– Во врска со вчерашниот собир во Тетово, не коментираме собири на други групи и партии. Тие со своите постапки самите се исклучија од движењето Беса. Движењето Беса има само еден конгрес и тој е на 24 февруари во Скопје, рече портпаролот на Беса, Абдуш Демири.
Демири ги повика сите заинтересирани да се пријават за претседател на партијата.
– Секој кандидат може да се натпреварува со собирање најмалку една десетина од потписите на делегатите и истите да ги доставува до Комисијата за организирање на конгресoт. Верификацијата на кандидатурите ќе биде извршена на денот на конгресот од соодветните комисии, додаде Демири.
За конгресот, како што кажа Демири, се евидентирани вкупно 505 делегати со територијална распределба врз основа на пропорцијата предвидена во деловникот за организирање на конгресот.
Вчера во Тетово се одржа конгрес организиран од крилото на Беса чиј привремен претседател беше пратеникот Неџбедин Каремани, на кој со повеќе од 500 гласови беше избран Африм Гаши за нов лидер на партијата. Гаши најави соработка со сите партии, а за внатрепартиските препукувања рече дека ќе се чека одлука на Судот, иако е убеден дека тие постапуваат легално со поддршка на мнозинството.
Г.Н.Р