По промоцијата на монографијата „Борко Лазески 1917-1993“ минатиот четврток, Националната галерија на Македонија (НГМ) продолжува со одбележувањето еден век од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Во галеријата Даут-пашин амам вечер од 19 часот ќе отвори изложба „Борко Лазески 1917-1993“, на која ќе бидат претставени шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот.
На изложбата ќе има оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и скиците т.е. реставрираните фрагменти од неговата „Фреска за НОБ“ која до земјотресот во 1963 стоела во холот на старата железничка станица во Скопје. Маја Чанкуловска-Михајловска е куратор на изложбата која ќе биде поставена до 5 април.
Проектот за чествување на Борко Лазески покрај монографија и изложба ќе опфати и предавање на 28 февруари од 12 часот во Даут-пашин амам. Со овој проект НГМ го почнува и одбележувањето 70 години од своето основање.
На отворањето на изложбата вечер ќе се обратат министерот за култура Роберт Алаѓозовски, Соња Абаџиева – критичар од областа на ликовната уметност, и директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими.
Според Старова-Ќерими, значајно е што јубилејот на нивната установа го почнуваат токму со изложба на дела од Лазески затоа што тој бил првиот в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија-Скопје.