Триесет и вториот роденден на Тоше нема да биде одбележан со концерт во Скопје, како што имаше четири години на и во пресрет на датумот од неговото раѓање – 25 јануари. Наместо концерт, ќе има специјална програма во Спомен-домот во Крушево.
Андерј Николоски, претседател на Фондацијата „Тоше Проески“, не ги соопштува причините, изјави дека тие не се финансиски и дека ќе ги откријат во Крушево идниот петок, заедно со претставници на Министерството за култура, кое секоја година го поддржуваше организирањето на концертите во сеќавање на најголемата македонска музичка ѕвезда. И од Министерството одговорија дека се ќе биде познато на настанот во Крушево.
Годишнината од раѓањето на Тоше на 25 јануари ќе биде одбележана со промоција на албум со најголемите негови хитови, меѓу кои е и една нова песна „Све је премало за крај“, за која ќе биде промовиран и видеозапис. Тоше ја снимил песната во 2006-та, автор на музиката и текстот е Јелена Трифуновиќ, а аранжманот е на Никша Братош.
Славен Ристевски, роднина на Тоше вклучен во активностите со кои се негува неговиот лик и дело, два месеца бил во Лондон за снимање три песни на Тоше – две што останале во студиото кај композиторот и продуцент Енди Рајт, а една која била во неговото домашно студио.
– Треба да доснимиме уште две во Шведска и уште една-две можеби од неговото студио и ќе направиме албум. Не знам дали оваа или идната година. Многу зависи од луѓето што се таму, снимањето е многу скапо во Лондон, плус ги снимаме со оркестар. Во Шведска снимаме во студиото „Норд-Хансен“, таму исто снима групата „Скорпионс“ која му беше омилена на Тошка, рече Ристевски.
Оваа година се очекува и објавувањето на книгата за Тоше со наслов „Ова не е крај“ на која работи Соња Алексовска-Неделковска.
– Книгата нема да излезе за роденденот, туку подоцна. Се работи поаналитично, од технички причини не успеавме да ја направиме. Беше најавена, но не беше по секоја цена, никој временски не инсистираше, секој сака да биде како што треба. Книгата се вика „Ова не е крај“ и самиот наслов е метафоричен, изјави Алексовска-Неделковска.
Првиот меморијален концерт за Тоше беше одржан на 5 октомври 2008 на Градскиот стадион, каде учествуваа познати имиња од естрадата на Балканот, а присуствуваа над 40.000 луѓе. Беше насловен „Те сакаме сите, Тоше“ и беше по повод една година од последниот негов концерт.
Со одлука на фондацијата, од 2010-та концертот за Тоше се одржуваше на неговиот роденден во јануари, а фановите продолжија да го одбележуваат и датумот од последниот концерт и на секој 5 октомври да организираат „Ѕвездено небо“ на плоштадот во Скопје. Во 2010. и 2011 година меморијалниот концерт „Со љубов за Тоше“ се одржа во преполниот Спортски центар „Борис Трајковски“, каде настапија негови колеги, пријатели и соработници од регионот.
На сите меморијални концерти имаше и изненадувања за публиката, постхумна промоција на непознати композиции од Тоше, како дуетот со внук му Кристијан – My Little One, потоа Још увек сањам да смо заједно, Наслони главу на моје раме, Can You Feel The Love Tonight…
Четвртиот концерт минатата година имаше поинаков концепт и нова локација – Македонската опера и балет. Идејата на организаторите беше на публиката да и се открие првата љубов на Тоше – операта, па неговите хитови прозвучија како арии, изведени од познати солисти од Македонија и од соседните земји. Тошевата љубов кон операта беше прикажана низ снимки од негови најрани настапи – „О соле мио“, „Санта Лучија“, арии од Пучини и Доницети… оперска улога како студент во „Деспина и мистер Докс“ на Димитрие Бужаровски, како и оперските изведби на народните „Кажи, кажи, либе Стано“ и „Не си го продавај Кољо чифлигот“.