Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, денеска во Атина имаа прва официјална средба, којашто е особено значајна бидејќи се случува во период на интензивни дијалози помеѓу двете земји.
-За нас, како носители на локалната власт оваа средба претставува почеток за поблиска соработка меѓу двата града со која сакаме да создадеме услови за поголем развој на регионот и регионалната стабилност. Имајќи предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуства и продлабочувањето на соработката ќе придонесат, заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на нашите сограѓани. Во таа насока, го вложуваме целиот наш потенцијал да создадеме подобри услови за живеење и да го подигнеме квалитетот на живот на граѓаните на Скопје и Атина – изјави Шилегов.
Тој, додаде дека меѓусебната соработка на градовите значи отворање нови можности за развој и напредок, и поради тоа го отвораат патот кон меѓусебно приближување. Нагласувајќи дека целта е тоа да биде во интерес на нашите сограѓани и заеднички да учествуваат во унапредувањето на иднината на градовите внатре во европското семејство.
-Пријателството е доблест која им прилега на храбрите. Иницијативите кои ги поврзуваат народите и регионите во продуктивна соработка и разбирање се пријателски иницијативи. Затоа верувам дека ние имаме силна волја и капацитет да го зацврстиме нашето пријателство во иднина – нотираше градоначалникот Шилегов.
-Од првиот ден од изборот на градоначалникот Шилегов, ние сме во комуникација. Тој е прогресивен и модерен политичар кој го разбира значење на добрата соработка меѓу градовите. На оваа прва средба договориме соработка на неколку полиња како социјалната политика, климатските промени и дигитализацијата, а во наредните недели ќе оствариме посета на Скопје каде што ќе потпишеме и Меморандум за соработка. На денешната средба ние разговаравме за соработка која ќе ја зголеми довербата и ќе создава политика на оптимизам меѓу двата града и двете земји – изјави градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис.
Шилегов и Каминас, како градоначалници се соочени со моќта на градовите што станува сé поголема, се справуваат со повеќе предизвици што се суштински за секојдневниот живот на нивните сограѓани.
Градоначалниците на двата главни градови ја истакнаа и својата решеност да изградат повеќе мостови за соработка на повеќе полиња што ќе бидат движечка сила за приближување на двете соседни земји.