Францускиот претседател Франсоа Оланд пристигна во посета на Абу Даби, пренесоа француските медиуми.
Неговата посета, првично замислена како главно економска, меѓутоа, ќе биде во голем степен посветена на воената операција на Франција во Мали.
Утринава Оланд ќе биде во француската воена база во Абу Даби, каде се сместени околу 700 војници и авиони „Рафаел“, кои во крајна нужда ќе можат да се вклучат во операцијата „Сервал“, почната на 11 јануари против исламистите кои го зазедоа северниот дел на Мали.
По француските бомбардирања исламистите вчера се повлекоа од големите градови во северно Мали, но уште го држат градот Диабали, што се наоѓа на 400 километри северно од главниот град Бамако, и се заканија дека ќе удрат „во срцето на Франција“.
Освен со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Халифа бен Заид ал Нахаин, и со престолонаследникот на Абу Даби, Мохамад бен Заид ал Нахаин, францускиот претседател ќе се сретне и со претседателот на Мавританија, Мохамед Абдел Азиз.
Во Дубаи Оланд ќе разговара со емирот, шеик Мохамед бен Рашид ал Мактум. Ќе се разгледа и ситуацијата во Сирија и Иран.