Борбата против сите облици на криминал е еден од врвните стратешките приоритети и заложби на Владата на Република Македонија, а пред се на Министерството за внатрешни работи. За жал, нема криминал без употреба на оружје. Директно или индиректно, оружјето е почеток и крај на речиси секое кривично дело, алфа и омега на секој облик на криминал.
Ова меѓу другото го истакна заменик министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу на денешната Регионална конференција што во организација на SEESAC, на Регионалниот совет за соработка и на Владата на Сојузна република Германија – во област на контролата на малото и лесно оружје, се одржа денес во Подгорица, Црна Гора.
Заменик министерот Нухиу потенцираше дека е – „особено важно да се воспостави соодветен систем за евиденција и контрола на оружјето, кој ќе помогне во понатамошните постапки за пронаоѓање на оружјето со кое евентуално се сторило одредено кривично дело, а со тоа и самиот сторител на кривичното дело“.
Презентирајќи ги активностите на македонската полиција по однос на проблематиката со малото и лесно оружје, заменик министерот Нухиу нагласи дека е неопходно интензивирање на соработката како на регионално ниво така и пошироко: „Само со заеднички сили, обединети, можеме да имаме резултат против ова зло. Во таа насока би сакал да ве информирам дека Република Македонија има воспоставено заеднички мешани патроли на граничната линија со Бугарија, Србија, Косово и Албанија, а искрено се надевам дека во следниов период ќе воспоставиме и заеднички мешани патроли и со Грција, со што дополнително ќе ја зајакнеме контролата на државната граница која превентивно ќе ги одврати криминалните групи за шверц на оружје преку границите“.