Јавна расправа: Тесни и неосветлени улици, дупки и раскопани тротоари го отежнуваат сообраќајот во Штип

Од:

Ниско ниво на сообраќајна култура, тесни и неосветлени улици, несоодветни паркинг места за кои им се наплаќа на возачите – ова се дел од критиките кои штипјани денеска ги упатија на адреса на локалната власт, во рамките на јавната расправа што ја организираше Здружението „Медиа плус“. Од Општината децидни – на решавање на овие прашања допрва ќе се трошат пари и енергија.
Градот кој е центар на источна Македонија не нуди услови за движење на лицата со телесен инвалидитет. Улицата пак, која од центарот на градот води кон Клиничкиот центар каде се лекуваат и пациентите од околните градови, воопшто нема тротоар. Ова, според граѓаните кои учествуваа на денешната јавна расправа се едни од клучните проблеми од областа на изградба и обнова на нови улици и тротоари.

Инфраструктурата во градот не е безбедна за децата, особено за учениците во Училиштето „Димитар Влахов“ каде тротоарите се узурпирани од возила, па најмладите немаат каде да се движат – забележа еден од присутните граѓани. Друг пак, реагираа дека дел од децата кои учат во Основното училиште „Гоце Делчев“ се движат по улици кои не се асвалтирани и се каливи, поради што кога одат на Училиште, ставаат кеси на своите обувки за да не одат извалкани. Од друга страна, тесните улици и несоодветно паркираните возила го проблематизираат движењето на противпожарните возила. Од противпожарната единица во Штип велат дека брзината во нивната работа е исклучително важна, за да се помогне во ситуација кога има пожар.

Обновата и изградбата на нови улици, според градоначалникот Благој Бочварски, е област на која допрва ќе се трошат пари и енергија. Тој најави дека дел од улиците во централното градско подрачје ќе добијат по две ленти, за да се нормализира сообраќајниот метеж.

„Уличната инфраструктура во градот е долга 89 километри и 744 метри. Два километра од нив се бетонски улици, останатите се асфалтирани“, рече Бочварски, додавајќи дека се разгледуваат и опциите за изградба на катна гаража.

Директорот на Јавното претпријатие „Стипион“, Сашо Протогеров информира дека во моментот се работи на повеќе локации, а приоритет во блиска иднина ќе бидат конзолните тротоари на коритото на река Отиња.

Јавната расправа „Изградба и обнова на улици и тротоари“ следи по успешната реализација на Предизборниот форум каде граѓаните ги определија своите приоритети за решавање пред новата локална власт.
Изградбата на нови тротоари и обнова на улици се наметна како тема на денешната јавна расправа, врз основа на приоритетните прашања, за кои граѓаните се изјаснуваа преку онлајн анкета. Своите приоритети исто така, граѓаните ги истакнаа на предизборниот форум кој „Медиа плус“ го организираше непосредно пред ланските локални избори.

Би можело да ве интересира

Штипско културно лето започнува на 24 јуни

А1он

Утре ќе биде изменет сообраќајниот режим на експресниот пат Штип – Кочани

(ВИДЕО) Детали за убиството во Штип: Убиецот ја викнал жртвата за да се смират, пиштолот го купил во Скопје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Уапсен е убиецот кој вчера пукаше во кафуле во Штип

Катерина Ѓуровски

Почина студентот од Турција кој беше застрелан синоќа во кафуле во Штип

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Се трага по напаѓачот од штипското кафуле кој и побегна на полицијата кај Миладиновци

Катерина Ѓуровски