Милош Земан им се налути на словачките новинари

Од:

Победникот во првиот круг на изборите за претседател на Чешка им се налути на словачките новинари и изјави дека нема да дава интервјуа на ниту еден од нив поради критиките против него.

Како што јави дописникот на МИА од Прага, на Земан не му се допаднал последниот текст во словачкиот весник „Сме“, во кој авторот напиша за Земан дека е најлош од сите претседателски кандидати и го спореди со поранешниот словачки премиер Владимир Мечијар.

– По текстот во „Сме“ нема да давам никакви разговори за словачките медиуми, изјави Земан на прашање на репортерот на словачката телевизија ТА3.

Според телевизијата, Земан го откажал и однапред договореното интервју, кое требало да оди во специјалната емисија за изборите во Чешка.

Во текстот што толку го навреди претседателскиот кандидат, беше коментирано дека доколку Земан стане претседател, не само што ќе продолжи туку и ќе расте „вулгаризацијата“ на политиката на досегашниот претседател Вацлав Клаус. Беше заклучено дека тоа ќе доведе до ослабување на правната држава и демократската контрола на моќта, национализмот и ќе се отфрли справувањето со минатото.

Периодот на Земан кога беше претседател на чешката Влада од 1998-2002 година е споредено со авторитарното владеење на словачкиот премиер Владимир Мечијар.

– Мечијар не може да се спореди со Земан, а не може и со ниту еден наш политичар. Мечијар требаше одамна да лежи в затвор за убиства кои ги нарача, изјави шефот на кампањата на Земан, Филип Ренч.

Милош Земан во првиот круг на претседателските избори во Чешка освои најголем број гласови (24,2 проценти) и заедно со Карел Шварценберг, кој е веднаш зад него, ќе ги измерат силите во вториот круг на 25 и 26 јануари.

Земан не крие дека не ги сака новинарите, без разлика од која земја потекнуваат.

Нив ги обвинуваше и за информациите кои пред почетокот на претседателската кампања се појавија во јавноста дека е поврзан со руската нафтена компанија „Лукоил“.

На конференцијата во чешкиот град Брно во 2009 година, на која се расправаше за улогата на медиумите во фирмите и во политиката, тој изјави дека новинарите треба целосно да се игнорираат.

– Мојот однос кон новинарите доживеа голема промена, од длабок презир до забавна рамнодушност. Сега тоа е поподносливо, рече Земан, кој на сметка на новинарската фела има упатено и „потешки“ зборови, нарекувајќи ги „фекалии“ и „новинарски проститутки“.

Судска завршница имаше обвинувањето на Земан кон новинарот Иван Брезина од весникот „Лидове новини“, кого го обвини дека за еден текст бил потплатен од енергетскиот гигант ЧЕЗ. На крајот Земан требаше да се извини и да плати казна од 2.000 евра за клевета.

Би можело да ве интересира

Фиала: Русија повеќе не може да не уценува

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Силна експлозија во ресторан: Шест мртви, осум повредени

Предраг Петровиќ

Маж зема воспитувачка како заложник, па и се закануваше со нож, драма во градинка во Чешка

Мигранти пронајдени во камион во Чешка, една жена почина

Маж со нож рани три лица на бензинска пумпа во Прага

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица