Делегацијата од адвокати, составена од членови на Управниот одбор на Меѓународната адвокатска унија, од кои седум се од Турција, двајца од Египет и еден од Саудиска Арабија, отпатува за Појасот Газа, каде во следните два дена ќе собира докази за злосторствата, кои, како што тврдат, Израел ги извршил врз Палестинците.
Делегацијата ја предводи генералниот секретар на Унијата Нечати Цејлан, јави Анадолија.
Деканот на Правниот факултет на Универзиитетот Јени Јузјил во Анкара Рефик Коркусуз изјави дека адвокатите пристигнале во Газа и додаде дека тие ќе подготват детален извештај, кој потоа ќе им биде предаден на надлежните институции.
Коркусуз нагласи дека турскиот народ секогаш ќе биде со своите „палестински браќа во нивната правна борба“, а како пример го наведе и случајот „Мави Мармара“ – израелскиот напад врз хумантирарниот брод кој превезуваше помош за Газа, а во кој живот загубија девет турски активисти.
– Лично познавав двајцата од деветте убиени сограѓани на бродот „Мави Мармара“. Едниот дури беше мој пријател од детството. Станува збор за израелски злосторства кои меѓународните институции не смеат лесно да ги игнорираат, рече Коркусуз.
Со атентатот врз командантот на Хамас, Ахмет ел Цабери на 14 ноември минатата година Израел ги почна артилериските напади врз Газа, кои беа стопирани со договор на 21 ноември. Палестинската Влада соопшти дека во осумдневните израелски напади загинале 190, а ранети се околу 1.500 лица.