Нафтата, изутрината, во текот на електронското работење на берзата во Њујорк, поскапе на близу 94 долари за барел, благодарение на показателите за закрепнување на двете најголеми светски економии, американската и кинеската.
Цената на американската „лесна“ нафта за терминална испорака за февруари на Њујоршката стокова берза се зголеми за 33 центи на 93,89 долари за барел.
Европскиот „брент“ на Меѓународната берза на нафта во Лондон поскапе за 27 центи на 110,91 долари за барел.
Директорот на Одделението за истражување во хонгкошката консултантска фирми „Миреј асет сикјуритис“, Гордон Кван, изјави дека цената на нафтата расте благодарение на показателите, според кои досега слабото економско заздравување на САД и Кина добива на сила.
Најновите официјални податоци покажуваат подобрување на состојбата на американскиот пазар на недвижнини, како и силно заздравување на растот на кинеската надворешно трговска размена во декември.