Францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан во интервју за „Радио Европа-1“ изјави дека од САД ќе побара логистичка поддршка за француските војници кои учествуваат во воената интервенција во Мали.
Помошта ќе се состои во вид на гориво и друга опрема за француските борбени авиони.
Нагласувајќи дека француските безбедносни сили ќе продолжат со воздушните и копнените напади во северниот дел на Мали, Ле Дриан не даде информација до кога ќе траат воените операции. Тој додаде дека и европските сојузници на Франција ќе помогнат во логистиката доколку има потреба за тоа.
– Досега во Мали се ангажирани 500 француски војници и неколку борбени авиони, но овој број би можел да биде зголемен во следните денови, истакна францускиот министер.