Јовески: Политичките партии да не вршат притисок

Од:

„Апелирам до политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во вршењето на јавно-обвинителската работа, како што е случајот деновиве. Обвинителите својата работа ја вршат и одлуките ги носат и ќе ги носат исклучиво врз основа на одредбите од законот и изведените докази.

Со моето доаѓање на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија ветив дека одлуките нема да се носат врз основа на желби на партиските штабови или центри на моќ. Професионализацијата и враќањето на довербата во Обвинителството ми се основни принципи при вршењето на оваа одговорна функција.

Политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, без разлика на етничка припадност, се заложија дека ќе ги тргнат рацете од Обвинителството, ќе ја почитуваат неговата самостојност и дека се залагаат за вистински реформи во правосудниот систем. Затоа барам, и во случајот кој деновиве ја бранува јавноста, да постапуваат согласно нивните јавно искажани и декларирани принципи.

Ве уверувам дека и за трагичниот настан, во кој животот го загуби четиригодишниот Алмир Алиу, се постапува неселективно, непристрасно, професионално и врз основа на законот.

Исто така, апелирам при коментирањето и оценките за конкретниот кривично-правен настан, да се земат предвид сите докази и факти од целиот настан. Само со целосна анализа на доказите се утврдува материјалната вистина и кривичната одговорност.

Политичките субјекти доколку се сомневаат или имаат забелешки на мојата професионална работа можат да побараат мое разрешување. Додека ја вршам фукцијата Јавен обвинител на Република Македонија, сторителите ќе бидат третирани врз основа на фактите и стореното кривично дело, а не врз основа на етничка или партиска припадност“, изјави јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески.

Би можело да ве интересира

Дисциплинската комисија утврди крупни грешки кај шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, се бара негово разрешување

Апелација ги уважи жалбите на Обвинителство и им определи ефективен 30 дневен притвор на двајцата поранешни директори на Онкологија

Државата конфискуваше 11.600 евра од осудениот раководител за урбанизам во Маврово и Ростуше

Обвинителството нареди, а полицијата го уапси бизнисменот Ристо Крмзов

Двајца браќа и нивен пријател се осомничени за убиство во Скопје

Обвинителството отвори предмет за деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир