Дванаесет луѓе кои се соблекоа голи пред поранешниот нацистички логор на смртта во Аушвиц и притоа заклаа јагне во знак на протест во вид на перформанс беа осудени за сквернавење на местото.
Судот во Освајцим (Полска) осуди двајца членови на групата, кои биле организатори на протестот, на повеќе од една година затвор, а другите се казнети само со парична казна.
Инцидентот се случи во март минатата година пред главната порта на логорот, каде што стои озлогласениот натпис Arbeit Macht Frei („Работата ослободува“). За време на инцидентот мотивот на протестот не беше јасен, но групата подоцна соопшти дека протестирале против конфликтот во Украина, објави Би-би-си.
Меѓу демонстрантите биле шестмина Руси, четворица Белоруси и еден Германец, сите на возраст меѓу 20 и 27 години, соопшти полицијата во времето на инцидентот. Покрај тоа што се соблекле голи и убиле овца, демонстрантите фрлале и петарди и со синџири се врзале за вратата за логорот. Освен тоа, на вратата закачиле и бел транспарент со порака „љубов“, кој го прекрил оригиналниот натпис, конкретно зборот „работа“, така што натписот добил ново значење – „Љубовта ослободува“. Својот протест го снимиле со помош на дрон.
Еден од демонстрантите, Микита Валадзко, на судењетото се обидел да објасни дека протестот немал намера да го навреди споменот на убиените и дека јагнето што го убиле ги симболизира загубените невини животи. „Судот нè осуди за уметничко дело“, изјавил тој по изрекувањето на пресудата.