Физичката и менталната болка – како што е чувството на социјална неприлагоденост – најверојатно се обработуваат во истите регии на мозокот, открија американски научници.
Луѓето кои мислат дека другите ги разбираат и ги ценат воедно се и потолерантни на болка, додека лицата кои постојано мислат дека другите не ги сфаќаат се почувствителни на физичка болка.
Со други зборови, ако некој е среќен, помалку и го боли, но ако е очаен, прагот на болка е многу понизок.
Во студијата објавен во списанието „Social Psychological and Personality Science“, научниците од Универзитетот во Вирџинија истражувале дали чувството на неразбирање може да предизвика и физичка болка. Учесниците се замолени да опишат како се гледаат себеси – на списокот со десет лични особини одбрале две кои најточно и две кои најмалку точно ги опишуваат.
Потоа имале неформален разговор со непознато лице. Опишале каков впечаток имале за тоа лице и ги прочитале впечатоците кои тие ги оставиле на соговорникот. Некои откриле дека лицето со кое разговарале ги гледа како што и тие самите се гледаат себеси, други оставиле целосно погрешен впечаток.
Потоа им е мерен прагот на болка така што едната рака ја ставале во кофа со вода со мраз и ја држеле што е можно подолго. Тие кои сметале дека соговорникот не ги разбрал добро можеле покусо да ја држат раката во вода, оние кои оставиле добар впечаток поминале подолго време во кофа.
После тоа се одведени надвор, во подножјето на брдото и требало да ја оценат неговата стрмност. Оние кои не биле сфатени мислеле дека брдото е пострмно отколку што навистина е.
Истражувачите изнеле хипотеза дека чувството на несфатеност е слично на чувството на загрозеност кое, за возврат, ја засилува и перцепцијата на болка.
– Средбата со непозната личност која не ве разбрала може да биде сфатена како средба со лице кое ве загрозува, заклучија истражувачите.