Денеска беше отворена новата американска амбасада во Лондон, која што претседателот Доналд Трамп минатата недела ја критикуваше како премногу скапа и на лоша локација.
Амбасадата е отворена во поранешната индустриска населба „Најн Елмс“ во јужен Лондон и ја заменува амбасадата на плоштадот Гросвенор, која што функционираше неколку децении. Таа зграда е продадена на владата на Катар, која планира да ја претвори во хотел.
Американските власти известија дека унапредување на безбедноста на старата зграда би чинело стотици милиони долари.
Новата зграда беше критикувана од Трамп минатата недела, за која што рече дека е лоша инвестиција.
Амбасадата чини 1 милијарда долари, пари собрани од продажба на американски владини недвижнини во Лондон.
На отворањето на амбасадата немаше формална церемонија.