Во првиот круг на изборите за претседател на Чешка, кои се одржаа изминатите два дена, очекувано како што покажуваа претходните анкети, најмногу гласови (24,2 проценти) освои поранешниот премиер Милош Земан.
Изненадување беше вториот кандидат, актуелниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг, кој со освоени 23,4 отсто од гласовите заостанува само околу 42.000 гласови зад Земан, јави дописникот на МИА од Прага.
Според аналитичарите, Шварценберг има голема шанса да победи во вториот круг, кој ќе се одржи на 25 и 26 јануари поради можноста да ја придобие поддршката од останатите неуспешни кандидати.
Во претходните анкети, Шварценберг меѓу деветмината кандидати беше на четвртото место, по поранешниот премиер Јан Фишер и уметникот и композитор, Владимир Франц.
Неуспехот, се чини, го изненади и самиот Фишер, кој призна дека е разочаран, но, сепак, ги прифаќа резултатите, по што се повлече од пред новинарите.
Земан и Шварценберг сами по себе се интересни и често ги полнат страниците на медиумите со своите ,,испади”.
Својот темперамент го покажаа со изјавите кои ги дадоа веднаш по соопштувањето на резултатите. Шварценберг иронично го означи Земан за ,,човек на минатото” со кого ќе му биде интересно да се натпреварува, а Земан не пропушти да му зададе удар обвинувајќи го дека како министер е дел од актуелната Влада и сноси одговорност за економските рестрикции што таа ги прави.
Шеесет и осумгодишниот Милош Земан, поранешен левичарски премиер, кој по неуспехот во 2003 кога беше победен од Вацлав Клаус во трката за претседател, веќе неколку години се обидува да се врати на политичката сцена. Честопати во изјавите тој знае неартикулирано да извикува и да дава неприкладни коментари и критики за новинарите, кои го претставуваат како „човек кој е зависен од цигари и има слабост кон алкохол“.
Познат е и по неговите непримерени изјави, како на пример, кога палестинскиот водач Јасер Арафат го спореди со Адолф Хитлер, за што беше осуден од ЕУ и Арапската лига или кога австриските противници на чешките нуклеарки ги нарече „идиоти“.
По нападите во САД на 11 септември 2001 година, Земан како премиер и тогашниот министер за внатрешни работи тврдеа дека еден од киднаперите на авионот во април истата година во Прага се сретнал со висок претставник на ирачката разузнавачка служба, што подоцна беше негирано од специјално формирана комисија.
Шварценберг, кој е претседател на конзервативна партија, има 75 години и благородничко потекло исто така често е на насловните страни на странските и домашните весници поради „симпатичниот“ обичај да спие на официјалните настани. Тоа тој најчесто го објаснува со зборовите дека „спие кога се зборуваат глупости, а се останато слуша“. Оние кои го поддржуваат велат дека тоа е најмал проблем. Ним не им пречи и неговото често „мрморење“, односно нејасно изговарање на зборовите за што стручњаците сметаат дека е говорна мана.
Во минатото е критикуван дека одби да се приклучи кон кампањата во ОН против употребата на муниција со осиромашен ураниум, како и поради поддршката на независно Косово која под негова палка беше и официјализирано.
Двајцата претседателски кандидати се проевропски политичари што ќе значи промена во односот кој со ЕУ го имаше досегашниот евроскептичен претседател Клаус.
И Земан и Шварценберг одлучно ја поддржуваат интеграцијата на земјите од западниот Балкан во ЕУ.
Самостојна Чешка досега имала двајца претедатели. На актуелниот Вацлав Клаус, кој на функцијата претседател е од февруари 2003 година, ова му е втор мандат и според чешкиот Устав не може повторно да се кандидира на таа функција. Прв претседател на Чешка беше Вацлав Хавел, кој почина на 18 декември 2011 година.