Македонскиот џез и фанк гитарист Владимир Василевски – Четкар на 17 јануари со почеток во 21.30 часот ќе настапи во ноќниот клуб „Станица 26“.
Музичарот за првпат ќе настапи во Македонија со септет, составен од познати македонски музичари како: Ѓоле Максимовски на бас, Филип Стевановски на тромбон, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Демир Катуровски на труба, Виктор Филиповски на тапани и Гордан Спасовски на клавијатури.
Четкар, кој живее и работи во Њујорк, а музицира буквално низ целиот свет и досега има настапувано на сите светски релеватни џез фестивали и клубови, не сака да го скрие големото задоволство што настапува на домашен терен со извонредни македонски музичари:
„Го познавам добро тимот кој стои зад „3Гонга“ и знам дека станува збор за исклучителни познавачи на музиката, кои работат со голема посветеност и љубов. Има голем ентузијазам и кај мене и кај нив за оваа наша соработка и воопшто не се сомневам дека ова ќе биде еден прекрасен концерт. Досега во Македонија најчесто сум настапувал со секстет, квартет или трио, а ова ќе биде за првпат да настапам тука со септет. Ќе свирам своја авторска музика и аранжмани од моите два албума, а ќе отсвирам и неколку композиции, кои оваа година ќе се најдат на мојот трет студиски албум“ вели Четкар.
Инку, Владимир Василевски има завршено музичка продукција, аранжман и џез гитара на престижниот Беркли колеџ во Бостон, САД. Дипломец е на отсекот за современо пишување и продукција. Иако гитарата е неговиот избран инструмент, својата првична музичка наобразба ја започнал како виолинист и ова знаење многу му има помогнато подоцна, бидејќи денес една од неговите аранжерски специјалности е токму аранжирање за гудачки секциии.
Како автор и продуцент на својата музика, Четкар има огромен круг музичари од целиот свет со кои соработува. Постојано свири со нови музичари од различни краишта на светот и со самото тоа неговата музика секогаш звучи свежо и има разнолик шарм.
Музика на Четкар е дистрибуирана и промовирана во повеќе земји и тоа за најпознатите музички куќи во светот за џез, фанк и соул како P – Vine Records (Пи Вајн Рекордс) и BBQ Records (Би Би Кју Рекордс) во Јапонија, Warner Music Korea (Ворнер Мјузик Кореа) и C&L Music (Си Енд Ел Мјузик) во Јужна Кореа, Hitman Jazz Records (Хитмен Џез Рекордс) во Тајланд и Југоисточна Азија, Soul Brother Records (Соул Брадер Рекордс) и Expansion Records (Експанжн Рекордс) во Англија, Newtown records (Њутаун Рекордс) во Австрија/Германија, Surya Records (Суриа Рекордс) и Diamond Records (Дајамонт Рекордс) во Италија…