Македонската ракометна репрезентација по тешката победа над Чиле од 30:28, денеска во рамки на 2.коло од Б групата игра натпревар за влез во осминафиналето на СП. Противник е селекцијата на Катар, која вчера убедливо беше поразена од европскиот шампион Данска со 41:27.
За Катар ова е четврто учество на Светските првенства и по пауза од шест години повторно се враќаат на светската ракометна сцена. Претходно учества имаа 2003, 2005 и 2007 година. На шампионатот изборија пласман како финалисти на Азиското првенство каде во финалето беа поразени од Јужна Кореја.
Катар е домаќин на следното Светско првенство во ракомет. За дуелот со селекцијата на Катар свое видување има капитенот на „црвено-жолтите“ Кирил Лазаров.
– Треба најпрвин добро да се одмориме и против Катар со победа да го обезбедиме осминафиналето, но потребно е сите да бидеме на ниво. Нема да биде лесно, никако не смееме да помислиме дека победата сама ќе си дојде и мора да останеме концентрирани максимално во текот на целиот натпревар, изјави Лазаров.
Почетокот на натпреварот Македонија – Катар кој ќе се одигра во Севиља е закажан за 18 часот.