Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на инаугурацијата на бугарското претседателство со ЕУ, во Софија, ги спореди земјите од Западен Балкан со популарната телевизиска серија Game of Thrones, само како што рече, без змејови.
Во својот говор, поранешниот полски премиер, Туск, ги спомна приоритетите на новото ротирачкото претседателство, а тоа се европска перспектива на Западен Балкан односно земјите од поранешна Југославија и Албанија.
„Историјата на Балканот е подраматична и поинтересна од сценариото за серијата Game of Thrones, иако без змејови“, нагласи претседателот на Европскиот совет во својот сликовит говор полн со анегдоти и историски референци.
„Би сакале сегашноста и иднината на Балканот да се разликуваат од драматичните филмови. Луѓето од овој регион заслужуваат стабилност и просперитет“, истакна тој.
Туск воедно ги пофали напредокот, храброста и решеноста што доведоа до европските успеси на Бугарија.
„Вам никој ништо не ви подари, вие сте најзаслужни за историскиот пресврт“, им посочи тој на Бугарите, кои се меѓу најсиромашните членови на ЕУ, но исто така се и меѓу најголемите евро-оптимисти.
Туск рече дека е убеден во ефикасноста на бугарското претседателство кое започна во јануари и со намигнување го охрабири премиерот Бојко Борисов, поранешен карате тренер.
„Со премиер кој влева страв во коските на кој било противник, сигурно ќе успеете“, рече претседателот на Европскиот совет во своето обраќање.