По една деценија завршија археолошките истражувања на еден од најважните белези на Струмица – легендарните Цареви Кули. Според археологот Зоран Рујак, кој беше раководител на истражувањето, пред две години во најголем дел бил заокружен процесот на истражување на овој археолошки локалитет.
– Останаа уште неколку делови за истражување, кои според Законот за заштита на културното наследство имаме обврска да оставиме нешто и на идните генерации за да истражуваат. Останува делот на јужната страна каде е праисторската населба да се истражи до крај, како и некрополата, јужниот рид и дел во подножјето на Цареви кули. Очекувам во наредните години да има помали периодични проекти со кои треба целосно да се заокружи истражувањето, вели Рујак.