Француски командоси денеска нападнаа база на исламистички екстремисти во Сомалија во обид да ослободат еден заложник.
Нападот се случи во градот Муломарер, а командосите се обидуваат да спасат еден француски советник за безбедност, кого екстремистите од групата Ал Шабаб го киднапирале во Могадишу во 2009 година.
Локалното население тврди дека во градот одекнале експлозии и се слушале истрели, а извор од сомалиското разузнавање истакна дека има жртви меѓу екстремистите, но засега нема информации за заложникот.
Командосите во базата се спуштиле со хеликоптери, а нападот е извршен непосредно по француската интервенција во Мали против исламистите поврзани со Ал Каеда.
Засега француските власти не коментираат ништо во врска со нападот.
Во меѓувреме, извор од исламистичкиот Ал Шабаб истакна дека француските командоси не успеале да го ослободат заложникот.