На премиерата на Светското ракометно првенство 2013 кое се одржува во Шпанија, домашната репрезентација вечерва со убедливи 27:14 го порази Алжир.
Шпанците уште од почетокот на натпреварот покажаа кој ќе ги освои првите бодови на Мундијалот и во целост ја оправдаа апсолутната фаворитска улога што ја имаа на овој дуел.
По само 10 минути игра резултатот беше 5:1, а првите 30 минути домаќините ги завршија со предност од 14:5. Разликата континуирано се зголемуваше за на крајот шпанските ракометари да постигнат речиси двојно повеќе погодоци од своите противници.
Виктор Томас беше најефикасен во домашната селекција со 8 реализации, а Мохамед Мокрани беше најдобар кај Алжир со 4 постигнати голови.
Ова беше средба од 1.коло во групата Д. Другите четири репрезентации учесници во оваа група се: Хрватска, Египет, Унгарија и Австралија.
Утре продолжуваат натпреварите на шампионатот, а од својот прв настап ќе го има и македонската ракометна репрезнтација против Чиле од 15 часот и 45 минути.