Подароците за Божик и Нова година најчесто ги отвораме веднаш утрото на празникот, но Канаѓанецот, Адриан Пирс својот поклон од неговата поранешна девојка го чува неотпакуван цели 47 години.
Тој раскинал со неговата тогашна девојка пред Божик, но таа сепак му го дала подарокот. Адриан тогаш имал 17 години и бил во врска со Вики.
– Одев дома лут и нервозен, а кога стигнав само го фрлив поклонот под елката. Откако моето семејство ги отвори сите подароци, остана само тој, но јас реков дека нема никогаш да го отворам, раскажува Адриан за подарокот кој го чува се уште.
Неколку години по раскинувањето тие двајца повторно се сретнале и иако се уште имале симпатии еден кон друг, сепак нивните животи се помениле и не можеле веќе да бидат заедно.
Тој од сестрата на Вики во 1977 година добил телефонски броеви од Вики, местото каде што работела и нејзините родители, меѓутоа кога се обидел оваа година да ги побара сите три броја биле исклучени.
Адриан сега преку социјалните мрежи се обидува да ја пронајде Вики и најавува дека подарокот ќе го отвори на 50-годишнината и се надева дека и таа ќе биде тука за тоа.