Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ во петок премиерно ќе ја изведе претставата „Клетници“ според делото на Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски.
Режисериот кажа дека ова претставува обемен проект што го опфаќа целиот ансамбл на прилепскиот театар и вклучени се 40 актери. На претставата се работело напорно три месеци.
– Најважните теми во животот се борбата за праведност, која е макотрпна и тешка, но и љубовта кон човештвото. Кога ова ќе се спои во една претстава станува многу комплицирано, а ретко кој се занимава со овие теми. Кога тоа ќе се спои со ансамблот на прилепскиот театар, се добива комплексно и безвременско уметничко дело, но и како историски настан. Темата се работи во вистинскиот момент, зашто сега живееме во време многу интересно и оптимистично. Споменувајќи ги претставите „Тапани во ноќта“, „Кавкаски круг со креда“, па сега и познатото и големо дело на Иго – „Клетници“, со ансамблот се обидуваме да ги промениме нештата во кои живееме, да испратиме сериозни пораки за суштинските вредности. Претставата трае три часа и мислам пак е малку да се кажат суштинските работи за смислата на животот, вели Кочовски.
Автор на драмскиот текст на делото на Виктор Иго „Клетници“ е Горјан Милошевски, драматург е Владимир Ѓорѓијоски, костимите, сценографијата и дизајнот на светлото се на Јулијана Војкова Најман, а музиката на групата „Фолтин“.
Поради големиот интерес за претставата „Клетници“, ансамблот ќе има и предпремиера утревечер, на 28 декември. Ова е трета и последна премиера на прилепскиот театар