Социјалдемократскиот сојуз на Македонија исклучително ги цени континуираните напори на ЕУ и САД во насока на подобрување и целосна функционалност на демократските процеси во Република Македонија, велат од СДСМ во врска со заедничката изјава на шефовите на мисиите на ЕУ и САД.
Напорите се во целосна согласност со политиката на СДСМ и `се согласуваме дека активниот политички дијалог е примарен постулат за надминување на сегашната политичка криза. Во таа смисла, како што изјавивме неколку пати до сега, повторуваме дека сме подготвени веднаш и во било кој формат да разговараме за можностите за што побрзо надминување на политичката криза`.
`Исто така, се согласуваме дека во една нормална и функционална демократија, парламентот е вистинскиот форум за адресирање и дебатирање на сите прашања. За жал, на 24 декември 2012 година, во македонскиот парламент се случи флагрантно кршење на Уставот, собранискиот Деловник и досегашната парламентарна пракса, а пратениците на опозицијата и преставниците на медиумите со полициско насилство беа исфрлени од парламентот. Ваквиот груб преседан го прави македонскиот парламент нелегитимен, а тој легитимитет може да се поврати само на предвремени парламентарни избори, и тоа доколку истите бидат фер и слободни`, рекоа од СДСМ.
Од СДСМ велат дека очекуваат од САД и ЕУ кои се синоними за демократија и бранење на демократските принципи ширум светот, ваквото газење на уставниот поредок, правната држава и демократските начела, токму во името на демократијата и нејзината иднина во Република Македонија, да бидат јасно и недвосмислено осудени, а не да бидат игнорирани.
`Стратешки приоритет на Република Македонија не може и не смее да биде само решавањето на спорот со Република Грција и деблокирањето на евро-атланските интеграции, туку пред се’ заштитата на правата и слободите на граѓаните, зачувување на уставниот поредок и одбраната на основните принципи на демократијата, кои се всушност цивилизациски вредности и главен предуслов за интеграција во ЕУ и НАТО`, рекоа од СДСМ.
СДСМ веќе дефинираше и јавно соопшти рационален и конструктивен план, за чие остварување сме подготвени уште веднаш да отпочнеме политички дијалог со сите политички фактори.