Буџетот на општина Центар е во завршни подготовки и носењето ќе финишира во среда на 27.12.2017.
При кроењето на буџетската каса за 2018 се водеше грижа за интересите на жителите, нивните барања и приоритети.
„До сега рекордни 12 милиони и 150 илјади денари ќе се одвојат за за реконструкција и одржување на зеленилото. Планирана е изградба на нови паркови. Ќе засадуваме оформени дрвја и веќе сме во преговори за наредна година на територија на Центар да обезбедиме повеќе од 5.000 дрвја кои ќе бидат засадени на повеќе локации“, вели градоначалникот, Саша Богдановиќ.
Прифатен е предлогот на коалицијата О2, за субвенционирање на печки за пелети со 6.000.000 денари.
Греењето е најголем загадувач, и затоа општина Центар заедно со БЕГ започна со подготовки на инфраструктурни проекти со цел во населбата Маџир Маало да се постави топлификациона мрежа за да се замени постојниот систем на греење на дрва и на други горива.
Веќе се започнати разговори за започнување на гасификација на општината.
Предвидени се 2.000.000 денари за соларни панели, 40.900.000 денари за енергетски фасади, за субвенционирање за реконструкција на кровови 5.000.000 денари, за лифтови 3.000.000 денари а за монтажни паркинзи 44.000.000 денари.
Преку донации обезбедени се прочистувачи на воздух во три градинки. Сите објекти на градинките и сите основни општински училишта ќе бидат обезбедени со прочистувачи.
Во периодот што претстои очекуваме неколку пилот проекти за зелени фасади и поставување на зелени кровови таму каде што има можности, се вели во соопштението на Општина Центар.
Општина Центар во изминатите 4 години исплаќа субвенции за велосипеди. И оваа година ќе продолжи трендот за стимулирање на граѓаните за да купуваат и користат велосипеди и за ова ќе се одвојат 2 милиони и 800 илјади денари.