Американскиот Конгрес планира да отвори истрага по обвинувањата дека претставници на администрацијата на претходниот претседател Барак Обама извршила притисок врз Агенцијата за борба против дрога (ДЕА) да спречи истрага врз голема група шверцери поврзани со про-иранската шиитска терористичка група Хезболах.
Според истражувачка сторија на „Политико“, причината што администрацијата на Обама барала да се запре истрагата биле тековните преговори меѓу САД и Иран за запирање на иранската нуклеарна програма.
Истрагата, која се водела во ДЕА под шифрираното име Проект Касандра, била отпочната во 2008 година и преку неа 30 американски и странски безбедносни агенции ги следеле активностите на Хезболах чии членови организирале испорака на кокаин од Јужна Америка од Западна Африка и оттаму во Европа, или преку Венецуела и Мексико до САД. Но, Јавниот обвинител на САД, кој е под директна надлежност на претседателот, ги одбил барањата на ДЕА да поднесе кривични пријави против шверцерите поврзани со Хезболах, и покрај цврстите докази кои биле обезбедени за шверц на дрога вредна безмалку половина милијарда долари, од кои дел завршиле во џебовите на иранската паравоена група Кудс.