Изложба на артефакти откриени на локалитетот Кале кај Врање

Од:

„Централен Балкан помеѓу грчкиот и келтскиот свет, Кале-Кршевица 2001-2011“ е насловена изложбата која вечер во 19 часот ќе ја отвори Археолошкиот музеј на Македонија во соработка со Народниот музеј од Белград.

Ќе биде презентиран дел од артефактите пронајдени за време на повеќегодишните систематски истражувања на локалитетот Кале кај селото Кршевица во близина на Врање во Србија. Се работи за богат движен материјал, како керамички садови, накит, разни бронзени и железни предмети, монети од времето на Филип Втори, Александар Македонски и неговите наследници.

Археолошкиот музеј соопшти дека сите артефакти сведочат за значењето и големината на населбата формирана во почетокот на IV век пред наша ера, која постоела се до првите децении на III век п. н.е. Изложбата е збогатена и со голем број фотографии од урбаниот комплекс, античкиот град, како и од бројни објекти откриени за време на истражувањата, меѓу кои и систем за водоснабдување кој е единствен и досега непознат на останатите европски локалитети.

Изложбата е резултат на возобновената соработка меѓу двете музејски институции чија цел е промоција на музеологијата, археологијата, како и за натамошна меѓународна презентација на културното наследство на Србија и на Македонија.

Автори на изложбата се Вера Крстиќ и Аца Ѓорѓевиќ од Народниот музеј во Белград, а комесар е Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија, каде што ќе биде поставена до крајот на март 2018 година.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски