Буџетот на Град Скопје за 10% помал во однос на буџетот од лани

Од:

Советот на Град Скопје на денешната трета седница го усвои Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2018 година, што е за 10% помал во однос на буџетот за 2017 година предложен и усвоен од претходното градско раководство. Буџетот на Град Скопје за 2018 година изнесува вкупно 6,2 милијарди денари.

– На денешната седница како точки на дневен ред се двата најзначајни документи што една единица на локалната самоуправа ги носи во текот на годината, а тоа се: Планот на програми за развој за 2018-2020 година, односно развојниот дел на Буџетот на Град Скопје и Предлог – Буџетот на Град Скопје за 2018 година. И покрај тоа што временскиот рок од преземањето на мојата функција како градоначалник на Град Скопје и законскиот рок за изготвување на Предлог Буџетот за наредната година беше краток, јас и моите соработници се вложивме максимално тоа што го планираме, во што веруваме и за што се боревме да го преточиме во овие документи. Наша крајна цел е Скопје да биде функционален град, зелен град, велоград, град што поврзува, град за сите! Тоа е мој став, моја заложба и за тоа ќе се борам заедно со сите Вас – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, пред советниците.

Шилегов нагласи дека како градоначалник на Град Скопје затекна веќе започнати проекти, проекти кои се во тек на реализација и за кои постојат склучени договори, па затоа и предложениот Буџет за 2018 година е еден сублимат од веќе започнатите проекти и нови поинакви проекти, проекти што ќе значат здрава животна средина и подобри сервисни услуги за граѓаните, како и подобрување на инфраструктурата во градот.

– За наредната 2018 година, вкупниот буџет на Град Скопје е проценет на 6,2 милијарди денари и е за 10% помал од оној во 2017 година. Сепак, акцентот го ставивме на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфрастуктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат за подобар економски раст и развој на нашиот град – рече Шилегов.

Градоначалникот пред советниците најави неколку поголеми проекти во кои градот планира да инвестира во наредната 2018 година и да започне една нова успешна приказна за Скопје:

– Инвестиции во јавниот превоз преку набавка на електрични Екоавтобуси и реконструкција на автобуски стојалишта – набавка на нови информативни дисплеи;

– Инвестиции во дигитализација и електронски пристап кон услугите што ги дава администрацијата се со цел зголемување на услужноста кон граѓаните преку нови софтвери, дигитализација, набавка на опрема и сл. Тоа вклучува и имплементација и одржување на паметен систем за управување со уличното осветлување, како почеток на проектот Скопје Смарт Сити;

– Инвестиции во заштита на животна средина преку повеќе различни проекти, како што се: изградба на нови велосипедски, пешачки и трим-патеки, подигнување на јавно зеленило на магистрални улици и паркови, проекти за зелени кровни површини на станбени згради, се со цел процентот на зеленило драстично да се зголеми во Скопје. Парите наменети за секторот за животна средина во 2018 година се речиси трипати повеќе од оние предвидени со сегашниот буџет;

– Во делот на инфраструктурата планираме да почнеме со проектирање на одделни сообраќајници кои според нас би можеле да дадат резултат во решавање на сообраќајните проблеми во одделни делови од градот, а тоа вклучува планирање и изградба на нови булевари, градски улици и останата инфраструктура;

– Инвестиции во енергетска ефикасност на објекти преку реконструкција на фасади за сите училишта што се под надлежност на Град Скопје, како и набавка на прочистувачи на воздух – јонизатори во училниците во сите средни училишта на Град Скопје;

– Системско решавање на проблемот со кучињата скитници преку подобрување на условите на згрижените кучиња во Вардариште од една страна, а од друга започнување со изготвување на Регистар на домашни и кучиња скитници;

– Инвестиции во противпожарната заштита особено од аспект на поефикасни услуги од страна на Бригадата за противпожарна заштита, како и поголема безбедност и заштита на вработените.

Предлог Буџетот на Град Скопје за 2018 година е изработен врз реални основи согласно законските одредби во Република Македонија и со него се опфатени сите проценети приходи и приливи и расходи и одливи за наредната година со кои се овозможува непречено извршување на надлежностите на Градот Скопје.

Би можело да ве интересира

Скопје повторно меѓу петте најзагадени градови во светот

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Лефков: Во Буџетот за 2025 година 25 проценти повеќе пари за здравството од оваа година