Адвокатката на обвинетиот Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара од Велес, побара судот да ги издвои психијатриските вештачења за нејзиниот клиент. Причината е фактот што на вештаците им биле истечени лиценците во моментот кога го опсервирале обвинетиот.
Судечкиот совет со кој претседава судијката Сафије Лаличиќ им го прифати барањето и одлучи на следната расправа закажана за 22 јануари да биде изготвено ново вештачење кое ќе го направи ЈЗУ „Психијатриска болница Скопје“.
Од вештачењето треба да се утврди дали обвинетиот бил пресметлив кога го извршувал кривичното дело, дали е свесен за последиците и дали има одредени психички нарушувања. Токму поради тоа обвинетиот на денешното судско рочиште не можеше да се произнесе дали е виновен или не. Судењето е презакажано за 22 јануари, а обвинетиот се враќа во притвор во Истражниот затвор „Скопје“.
Стојановски е дедо на починатата Тамара од Велес, кој на 1 јуни годинава пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Тој се товари за две кривични дела – обид за убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Судот му определи притвор на Стојановски поради постоење опасност од бегство и опасност од извршување на истото кривично дело.
Инцидентот се случи на 1 јуни годинава пред Министерството за здравство. Според она што го кажал пред полицијата, тој дошол утрината сам во Скопје. Кај себе имал повратен билет за Велес. Кажал дека напрвин го чекал Тодоров дома, но ексминистерот не се појавил. Потоа дошол пред Министерството за здравство и веднаш кога му се појавил пред очите, почнал да пука кон него. За среќа, Тодоров не беше повреден.
В. М.