Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска во Македонската филхармонија со Свечена академија ќе ја одбележи 50-годишнината од формирањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, којшто во изминативе пет децении одигра значајна улога во севкупното претставување на македонската национална култура во светот.
Според програмата, пригодни обраќања ќе имаат проф. д-р Славица Велева, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а ќе биде промовирана и монографијата „50 години Меѓународен семинар за македонски јазик,
литература и култура“.
Својата дејност во текот на овие години Семинарот ја остварува во следниве насоки: подготовка, организирање и реализирање на Летната школа и на Меѓународната научна конференција во рамките на Семинарот; континуирана грижа за работата на лекторатите по македонски јазик и на унивезитетските центри каде што се изведува настава по македонски јазик, литература и култура; издавачка дејност поврзана со работата на Семинарот; организирање на наставата по македонски јазик за странските студенти што ќе се запишуваат на УКИМ.
На летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во овие пет децении учествувале повеќе од 4000 учесници од над 50 земји меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолклористи, етнолози, археолози, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик по нашите лекторати во светот.
Меѓународниот семинар за македонскиот јазик, литература и култура, пак, претставува сериозна институција која ја афирмира и ја анимира македонистиката – македонскиот јазик, литература, култура, историја, како значаен дел од славистиката и од балканистиката.
– Летната школа и Меѓународната научна конференција веќе се препознатливи по својата структуираност и посветеност, а за тоа сведочат странските учесници кои прераснаа во амбасадори на македонистиката низ светот. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е единствената високообразовна институција, која може да се препознае како своевиден македонистички центар со петдецениска традиција, наведуваат од УКИМ.