Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“ в сабота ќе го одбележи Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници.
Утре, 16 декември, „Стар-стар“ во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ ќе организира „Скопје ред лајт дистрикт“.
– „Скопје ред лајт дистрикт“ претставува уметничка инсталација со цел да го отслика шармот на улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам. Улицата на црвените светла претставува симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Скопје за првпат ќе добие девојки на излог. Уметничката инсталација ќе биде поставена од 17 до 22, со пауза од 19 до 20 на бул. Климент Охридски бр.48, излозите до клубот Вулкан – соопштија од граѓанската иницијатива.
В недела, 17 декември, ќе се одржи Марш на црвените чадори со почеток во 12 часот на улица Македонија.
– На 17 декември (недела) по десетти јубилеен пат се приклучуваме кон глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилство врз сексуалните работници. По тој повод сексуалните работници заедно со своите поддржувачи ќе маршираат на улица Македонија во Скопје за гласно да испратат порака: СТОП на насилството врз сексуалните работници!“, порачуваат од „Стар-стар“ .