Изложба „Живи фосили и ендемити од Охридско Езеро” отворена во Неготино

Од:

„Живи фосили и ендемити од Охридско Езеро” е насловена изложбата што во организација на Националната установа Природонаучен музеј на Македонија, денеска беше отворена во Музеј на град Неготино.

Директорот на Природонаучниот музеј Методија Велевски изрази задоволство што на отворањето на оваа изложба имаше и посетители од помладите генерации. Изрази надеж дека многу од нив всушност и ќе бидат главната публика на оваа изложба која ќе биде отворена до 29 декември, а која немало да биде возможна без поддршката од Министерството за култура.

Поопширно излагање за изложбата, присутните можеа да слушнат од Наташа Стефановска, кустос во Одделението за безрбетници при Природонаучниот музеј. Таа упати благодарност до авторот на изложбата, магистер Снежана Станковиќ Јовановиќ, кустос советник во пензија. Информираше дека Охридското Езеро е еден од главните центри на биолошката разновидност Во Република Македонија. А полжавите, кои се всушност главните експонати на изложбата, учествуваат со висок процент во таа биолошка разновидност. Нивното истражување започало уште при крајот на 19. век кога било констатирано дека се работи за мошне интересна група на безрбетници. Тогаш прв пат биле опишани неколку нови видови за науката.

Понатаму, своите истражувања кон ова Езеро ги насочиле голем број истражувачи. Следувало објавување на монографии за езерото и неговиот жив свет. Било констатирано дека Охридското Езеро е чуден уникум во Европа и пошироко. Бидејќи, не само што се одликува со големо богатство на видови, туку тие се необично интересни и специфични по форма.

Интересот за Охридското Езеро и неговиот жив свет не запира, нагласи Стефановска, појаснувајќи дека сите видови полжави од изложбата се на Националната листа на заштитени видови и се наоѓаат и на Европската црвена листа на загрозени видови со одреден статус на загрозеност.

– Оттаму, освен што посетителите ќе имаат можност да се запознаат со природното богатство и непроценливо наследство на Охридското Езеро и нашата земја, се надеваме дека посетата на оваа изложба силно ќе ја упати пораката да го сочуваме за иднината она што природата го чува од искона, нагласи меѓу другото таа во своето обраќање.

Директорот на неготинскиот музеј, Ристе Марков изрази благодарност поради отпочнувањето на една соработка со Природонаучниот музеј. Изрази надеж дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски