Постигнувањето на договор за Брегзит и договарањето на идните односи со Велика Британија ќе биде луда трка со времето, смета претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Според него земјите членки на Унијата треба да бидат сплотени со цел да се избегне економски колапс.
Туск наведува дека сака земјите-членки да одобрат започнување на втората фаза од преговорите со Лондон, за транзицискиот период и за идните односи, откако минатата недела беше постигнат напредок и беше договорена рамката за „разводот“ меѓу ЕУ и Велика Британија.
– Заклучокот од првата фаза на преговорите е умерен напредок. Ни остануваат само уште 10 месеци за определување на транзицискиот период и идните односи со Велика Британија. Тоа ќе биде луда трка со времето, во кој единството повторно ќе биде од клучно значење. Досегашното искуство покажа дека единството е задолжителен услов за организиран Брегзит, пишува претседателот на Европскиот совет во писмото до лидерите на ЕУ.