Иако преговорите за трговијата можеби нема да започнат веднаш, сепак министрите од земјите членки на ЕУ се оптимисти дека кон крајот на неделава ќе започне следанта фаза од преговори со Лондон за Брегизт.
– Убеден сум дека ќе успееме да дојдеме до момент кога лидерите на ЕУ ќе можат да донесат одлука за преминување кон втората фаза на преговорите, изјави денеска шефот на естонската дипломатија Свен Миксер пред почетокот на состанокот на министрите за европски прашања, кои треба да го подготват претстојниот самит на ЕУ предвиден за в четврток и петок.
Михаел Рот, германскиот министер за европски прашања кажа дека е оптимист дека лидерите на ЕУ ќе го одобрат напредокот во досегашниот тек на преговорите, но претпоставува дека трговските разговори нема да започнат пред март, кога е закажан следниот Самит на Унијата.
Според него потребен е вистински напредок, повикувајќи ја британската влада да биде конзистентна во своите препораки до британските гласачи и партнерите во ЕУ.