Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ попладнево одржува седница на која би требало формално да се потврди одлуката за вонреден конгрес на партијата што ќе се одржи во Валандово на 23 декември, а на кој треба да се констатира оставката на Никола Груевски и во тој случај да се избере нов претседател.
Членовите на Централниот комитет веќе пристигнуваат во партиското седиште, каде се очекува Груевски да ја образложи оставката, која ја најави во интервју на 1 декември. Доколку оставката ја прифатат 130 членови на Централниот комитет, во тој случај извесен е вонредниот конгрес на 23 декември.
Прв, амбицијата да стане претседател на партијата ја објави Филип Петровски. Тој изјави дека по консултациите со семејството и со членови на партијата решил да се кандидира за лидерската позиција.
„Очекувам ЦК на ВМРО на кој за жал како кандидат не ме поканија, да донесе демократски правила за избор“, напиша Филип Петровски на сојот профил на „Фејсбук“.
Како можни наследници на Груевски од партијата се споменуваат и неколкумина членови на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, Илија Димовски, Никола Попоски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски… Неофицијално, од сите овие кандидати Груевски ја дава својата поддршка за Мицкоски.
ФРОДЕМ предлага дека со оставката на Груевски во оставка е и Извршниот комитет кој веќе нема право донесува никакви одлуки, па затоа ЦК треба да донесе одлука за одржување на вонреден конгрес на партијата согласно одредбите од Статутот (кој ќе се одржи во рок од 60 дена од донесувањето на одлуката).
ФРОДЕМ бара ЦК да усвои критериуми за демократски избор на делегати на вонредниот конгрес и да го утврди максималниот број на делегати, а по усвојување на одлуката за вонреден конгрес и усвојувањето на критериумите за избор и број на делегати, да се избере заедничко координативно тело составено од досегашни членови на ЦК и ИК кои не се осомничени и обвинети по ниту еден основ и од претставници на внатре партиските групации и асоцијации.