Македонската ракометна репрезентација, на неполни три дена до почетокот на Светското првенство во Шпанија, ја одржа последната прес-конференција пред тргнувањето за Севиља, град каде Македонија ќе ги игра натпреварите во групната фаза.
Од таборот на „црвено-жолтите“ очекуваат најмалку пласман во осминафиналната фаза, а потајно се надеваат и на освојување медал.
– Оптимистички сме расположени и со позитивни мисли заминуваме во Севиља. Посакуваме со две победи да го почнеме Мундијалот. Веќе обезбедивме снимки од подготвителните натпревари на Чиле и Катар. Одиме без калкулации на секој натпревар. Реалноста е пласман во 1/8 финалето, а желба е медал, истакна селекторот Звонко Шундовски.
Капитенот Кирил Лазаров побара максимално ангажирање од сите негови соиграчи кои ќе имаат можност да истрчаат на теренот, да се игра без потценување на првите две средби иако, како што рече Македонија има квалитет да победи на овие средби.
Лазаров го нагласи напредокот во играта на помладите репрезентативци, што македонскиот состав го прави покомпактен, со повеќе поединци кои можат во дадени моменти да ја преземат одговорноста за разлика од порано кога играта се базирала само на поискусните.
Што се однесува до натпреварите против европските репрезентации од нашиот состав сметаат дека најголеми шанси за успех имаме против Исланд, а фаворитската улога во групата се препушта на Данска и на Русија.
И претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Михајло Михајловски очекува најмалку пласман меѓу четирите најдобри во групата и обезбедено место во 1/8 финалето.
– На СП одиме чекор по чекор. За пласман во осминафиналето е потребно најмалку четврто место во групата, а голем успех ќе биде ако бидеме во ТОП 8, рече првиот човек на федерацијата.
Својата премиера на Светското првенство Македонија ќе ја има в сабота од 15 часот и 45 минути против Чиле.