Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески денеска во Сараево, Босна и Херцеговина ги посети припадниците на АРМ кои се дел од националниот контингент во мисијата АЛТЕА.
Како што соопшти ГШ на АРМ, за време на посетата генералот Котески се сретна со началникот на штабот во командата на ЕУФОР бригадниот генерал Ерно Петер Сипош каде уште еднаш беше потенциран придонесот што Република Македонија го дава во етаблирањето на демократските вредности, мирот и еднаквоста во светски рамки.
Посетата на националниот контингент во мисијата АЛТЕА беше искористена за одбележување на петгодишнината од трагичниот настан во хелихоптерската несреќа во кој загинаа македонските мировници.
Генералот Котески, началникот на штабот во командата на ЕУФОР и амбасадорот на Република Македонија во БиХ Рами Реџепи во присуство на најстарите национални претставници од сите земји учеснички во мисијата АЛТЕА положија венец со цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ.
Началникот на ГШ на АРМ на средбата со припадниците на контингентот ја поздрави посветеноста и професионализмот кој нашите мировници го покажуваат во секојдневната работа, како дел од мултинационални сили.