Доцна синоќа во Киев беше уапсен поранешниот грузиски претседател и актуелен лидер на украинското опозициско Движење на новите сили, Михаил Саакашвили, соопшти јавниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко.
Саакашвили се наоѓа во изолација, објави Луценко, додавајќи дека безбедносните сили при тоа сториле се за да се избегне насилство и крвопролевање.
Веста беше потврдена и на Фејсбук профилот на Саакашвили.
– Итно. Го уапсија Михаил Саакашвили, стои во објавата, со која се повикуваат неговите приврзаници да се соберат на протест пред затворската единица во која е притворен опозицискиот лидер.
Група негови поддржувачи се собрале пред седиштето на Службата за безбедност во Украина по веста за неговото апсење.
Ова беше трет обид за апсење на Саакашвили, откако во претходните два неговите приврзаници не им дозволија на полицијата да го лишат од слобода.
Тој се товари за обид за уривање на уставниот поредок, откако минатиот викенд организираше протести против украинскиот претседател Петро Порошенко.
Полицијата првпат се обиде да го уапси Саакашвили во вторникот претпладне во неговиот дом, но тој се качи на покривот на зградата во која живее и ги повика поддржувачите на протести. Набргу потоа, маса луѓе се собраа пред зградата и го извлекоа од полициското комбе во кое беше притворен.
Неговите приврзаници потоа поставија камп од шатори во близина на Парламентот, од каде Саакашвили го повика Порошенко да си поднесе оставка и го обвини за корупција. Полицијата неуспешно се обиде да го уапси Саакашвили упаѓајќи во протестниот камп.
– Полицијата ме бараше во мојот шатор, но по грешка влегоа во соседниот, каде ги претепаа моите поддржувачи. Го прашувам Порошенко, каква е целта на овие провокации? Не ги напаѓајте луѓето, не ги терајте да се бранат. Ова е мирен протест, напиша Саакашвили на Фејсбук по вториот неуспешен обид за негово апсење.
При судирите беа повредени 13 лица, од кои 11 беа демонстранти и двајца полицајци.
Саакашвили го предводеше протестното движење кое што го урна од власт поранешниот грузиски претседател Едуард Шеварднаѕе и беше грузиски претседател од 2008 до 2013 година. Тој доби украинско државјанство во 2015 по Мајдан револуцијата, а Порошенко го именуваше за гувернер на областа Одеса.
Во ноември минатата година беше разрешен од гувернерската позиција, по што Саакашвили формираше партија и започна со обвинувања за криминал и корупција против шефот на државата и владата. Во јули годинава Порошенко донесе одлука за одземање на украинското државјанство на Саакашвили. Претходно, во 2015 година властите во Тбилиси му го одзедоа и грузиското државјанство.